Ситуацијата во ПСЖ е далеку од идеална. Тренерот на тимот Маурицио Покетино не успева да ги исполни жеблите и очекувањата на сите ѕвезди во тимот, а меѓу играчите кои најчесто се наведува дека се незадоволни и размислуваат за трансфер е голманот Џанлуиџи Донарума.

Сепак, изгледа Покетино, најде начин како донекаде да го задоволи и смири италијанскиот репрезентативен голман.

Донарума како најдобар играч на ЕУРО 2020 летово пристигна на Паркот на принцовите. Се веруваше дека ќе биде прв голман, но тоа место се уште цврсто го држи Кејлор Навас. Сепак тоа, барем делумно би можело наскоро да се промени.

Според Фабрицио Романо, Покетино одлучил на мечот од Лигата на шампионите против Манчестер Сити на голот да го стави Донарума.

Доколку настапи, тоа ќе биде само трет меч за голманот, кој летово наместо да остане во Милан или замине во Јувентус, се одлучи на трансфер во ПСЖ. Инаку, интересно сега Јувентус повторно се споменува како опција каде Донарума би заминал.