Италијанскиот напаѓач Марио Балотели е слободен да избере нова средина, откако денес истече договорот со Олимпик Марсеј.

Италијанските медиуми со денови јавуваат дека „Супер Марио“ би можел да се врати во Серија А, поточно во Парма.

Агентот на Балотели барал 4 милиони евра по сезона за својот клиент. Сепак клубот нуди двојно помалку со плус одредени бонуси со кои Балотели на крајот од сезоната би инкасирал околу 3 милиони евра.

Преговорите биле во мирување се до денес, кога претседателот на Парма со приватен авион заминал во Монте Карло на конечни преговори со агентот на Балотели.

Според пишувањата на италијанските медиуми, договор најверојатно ќе биде постигнат со мали отстапки од двете страни.