Италијанскиот суд во Лече денеска објави крај на истражната постапка против поранешниот фудбалер на Јувентус и на Рома, Црногорецот Мирко Вучиниќ, кој е обвинет за даночно затајување од дури 5,8 милиони евра во период од 2014 до 2017 години.

Неговиот адвокат Антонио Савоја вложи жалба во која наведува дека Вучиниќ во тој период настапуваше за Ал Џазира, па затоа не беше врзан за италијанскиот даночен систем.

При крај на 2019 година судот му го заплени сиот имот на територија на Италија, а имено вилата во Рим и две куќи во Лече. Блокирани му се сите средства во банка и забрането му е да ги користи своите скапи автомобили и моторот Харли Дејвисон. Вкупниот запленет имот се проценува на околу 3 милиони евра.

Првото рочиште од судскиот процес е закажано на 31 март.

Во својата кариера Вучиниќ настапувал за Лече, Рома и за Јувентус, а кариерата ја заврши пред две години во ОАЕ, во тимот на Ал-Џазира.