Реал Мадрид во периодов кога е во големи долгови и кога има намалување на приходите поради пандемијата, ќе мора да биде внимателен во преодниот рок. Се поголеми се шансите дека кралскиот клуб ова лето ќе оди по поевтини опции.

Весникот АС пренесува дека клубот од Сантијаго Бернабе е заинтересиран за Андре Силва, кој оваа сезона блеска во дресот на Ајнтрахт Франкфурт. Тој досега сезонава има 26 гола и девет асистенции во 31 натпревар и не е изненадување што за него се распрашуваат многу клубови.

Се споменуваат Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд и Манчестер Јунајтед. Сепак, се чини дека Реал Мадрид има други планови, односно ас во ракавот. И тоа во името на напаѓачот Лука Јовиќ.

Тие се спремни за Силва да платат 20 милиони евра и плус Јовиќ, кој моментално е на позајмица во Франкфурт, а со Реал Мадрид има договор до летото 2025 година.

Од друга страна, Силва веќе има играно во Шпанија, во сезоната 2018/19, кога го носеше дресот на Севиља. За клубот од Андалузија постигна 11 голови на 40 натпревари. Потоа премина во Милан, за минатото лето да дојде во редовите на Ајнтрахт.