Некогашниот фудбалер на Мидлзборо, Астон Вила, Ливерпул и Вест Хем, 37 годишниот Стјуарт Даунинг одлучи да ја заврши кариерата.

Даунинг од 2005-та до 2014-та година одигра 35 меча за Англија и беше дел од селекцијата која стигна до четвртфиналето на Светското првенство 2006-та.

Минатите две сезони играше во Чемпионшип лигата во дресот на некогашниот шампион на Премиер лигата, Блекбурн Роверс.

„После опуштениот период во текот на летото и разговорите со семејството, одлучив дека дошло време за фудбалска пензија. Би сакал да им се заблагодарам на сите клубови за кои играв во текот на кариерата и на сите нивни навивачи и персонал. Исто така би сакал да им се заблагодарам на одличните менаџери, кои ме тренираа. Како момче можев само да сонувам дека ќе играм за тимовите за кои играв и дека ќе делам терен со некои големи играчи“– напишал меѓудругото Даунинг.

Посебно се осврна на игрите во дресот на репрезентацијата на Англија.

„Многу сум горд на 35-те натпревари за Англија. Ми остануваат спомени за целиот живот. Се чувствувам многу среќен што имав таква кариера.“

Стјуарт Даунинг одигра вкупно 597 лигашки натпревари. Два пати го освои Лига купот, со Мидлзборо во 2004-та и Ливепрул во 2012-та година. Со истиот клуб изгуби и две вредни финалиња, Купот на УЕФА во 2006-та со Мидлзборо и ФА Купот со Ливеруп во 2012-та година.