Најтрофејниот фудбалски колектив од земјава, ФК Вардар денеска слави 74 години постење. Откако стана дел од ВМФЛ, црвено-црните со ново раководство се надеваат на брз кам бек во ПМФЛ.

Амбициите може да се остварат, но за тоа е потребна напорна работа и резултати кои треба да донесат радост на „Комитите“.

„Премногу голем а сепак доволно мал да го собере во нашите срца !Потребата од формирање на Фудбалски колектив кој треба рамноправно да се носи со другите клубови во поранешната СФРЈ, ги натера управите на постоечките големи клубови од Скопје – ФК Македонија и СК Победа да ги здружат силите. Името на клубот како наследник на првиот колектив кој под тоа име се појавува во Скопје уште пред Балканските војни во 1911г. Едногласно е одбрано – ФК Вардар. ФК Вардар како име кое повторно се формира по завршувањето на Првата светска војна во 1919, и чии терени се наоѓаат помеѓу стар Кермес и денешниот Градски стадион. Вардар како наследник на ФК Македонија, СК Победа, СК Граѓански… Вардар е името кое го радува Скопје, Вардар е гордоста на Македонија. Поминавме низ убави и тешки моменти, радост и тага, титули и гола борба за опстанок, опстоивме и кога шансите за тоа беа речиси непостоечки. Сега сме тука каде што сме, но ќе се вратиме таму каде што припаѓаме. Ветуваме затоа што знаеме дека си сакан од многумина. Бидете со Вардар, денес 74 години, пред нас е вечноста, а Вардар и засекогаш одат заедно ! ВАРДАР ЌЕ ЖИВЕЕ !“ – соопштија од ФК Вардар.