Манчестер Сити има шанса да настапи во Лигата на шампионите во сезона 2020/21, без разлика на двегодишната забрана на УЕФА, поради нарушувањето на финансискиот фер-плеј.

Како што пишува Reuters, правниците сметаат дека Манчестер Сити има дури две варијанти за да го направи тоа.

Првата варијанта е Манчестер Сити да поднесе апелација до Спортскиот апелациски суд во Лозана (САЅ) и при слушањето да побара времена суспензија на решението на УЕФА, се до конечното решение по нивната жалба. Судот во Лозана го има тоа право, според уставот на УЕФА.

Според правниците ова е најизгледна варијанта и со огромна доза на сигурност може да се тврди дека Манчестер Сити ќе постапи токму така.

Втората варијанта е спротивна на првата, односно Манчестер Сити може да бара забрзување на постапката за да се биде готово до ждрепката за Лигата на шампионите за следната сезона. Сепак, оваа варијанта е помалку прифатлива за Сити, бидејќи не им дава доволно време на нивните правници да се подготват за случајот, што може да биде многу опасно.