Иако делуваше дека скандалот со легендарниот фудбалер и неговиот брат ќе заврши добро за него, денеска работите земаа поинаков тек. Наместо тој и брат му да се вратат во Бразил, двајцата одново завршија зад решетки. Така реши надлежниот судија пред кого Роналдињо и Роберто Асис се појавија вчера.

Судијата го одби предлогот на јавниот обвинител Бразилците да бидат пуштени на слобода и да им биде пресудена парична казна, бидејќи соработуваа во истрагата, а и беше утврдено дека се жртви на превара. Судијата пресуди и двајцата да бидат повторно притворени.

Сега работите стануваат многу посериозни, бидејќи ќе има обвинение, според кое по парагвајските закони Роналдињо може да добие до пет години затвор.

Парагвајските медиуми пишуваат дека најверојатниот исход ќе биде голема парична казна, но никогаш не се знае.

На Роналдињо му беше одземен бразилскиот пасош, бидејќи не ја плати казната од 2,5 милиони долари за предизвикана еколошка катастрофа при градба на еден имот.