Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини објави дека Управниот одбор донесе одлука со која ќе им помогне на здравствените лица кои се борат со пандемијата од коронавирусот да имаат приоритетен пристап за влезници доколу следното ЕУРО се игра со публика.

УЕФА во моментот нема финална одлука дали натпреварите на ЕУРО ќе се играат со публика, но ФФМ реши медицинските лица кои се борат со пандемијата со натчовечки напори да ни го сочуваат здравјето  да имаат приоритет во обезбедувањето на билети.

Соопштението на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини ви го пренесуваме во целост:

Почитувани пријатели,

Сакам да споделам со вас една одлична иницијатива која заедно со УО на федерацијата ја преточивме во одлука а се однесува на евентуалната распределба на влезниците за претстојното Европско првенство во фудбал за мажи, кое ќе се одржи во јуни и јули 2021 година.

Иако во моментот се уште нема финална одлука од УЕФА за бројот на влезниците, бидејќи ситуацијата со пандемијата може да наложи и да нема присуство на гледачи на стадионите (најнепоскаувано сценарио за сите нас), сепак има доста надежи дека публика ќе има и секоја федерација ќе го добие својот дел. Затоа одлучивме како награда , доколку ситуацијата со пандемијата се смири, како резултат за натчовечните напори и заложби кои секојдненво ги прават за зачувување на нашето здравје во изминатиот период, а очигледно и во периодот што следи, приоритет за добивање на карти за следење на настапите на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство да имаат сите медицински лица кои се во првите редови во борбата против КОВИД – 19 (доктори, сестри, технички персонал).

Знам дека ова е премалку, но чуствувам потреба на овој медицински персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и целиот повеќемесечен труд што го вложуваат за да не чуваат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за работата што ја прават и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности. Најсреќен би бил кога во јуни 2021 година нашите медицински лица би ги замениле маските и скафандерите со навивачки реквизити, кога трагите од нив и уморот на нивните лица ќе ги заменат со насмевки за головите што нашите ќе ги постигнат на Европското првенство.

Останете ми со добро здравје, чувајте се и чувајте ги и другите околу вас, сите заедно во одлично расположение да го дочекаме Европското првенсто и да се радуваме заедно со нашите момчиња.