Македонската фудбалска сениорска репрезентација има шест дена за подготовка за дуелот во Виена против Австрија во претпоследното квалификациско коло за пласман на ЕП.

Селекторот Ангеловски се соочува со неколку проблеми за овој но и а дуелот со Израел. Поради повреда денеска на официјалниот собир во „Гранд Плаза“ не дојдоа Езгјан Алиоски, Иван Тричковски и Аријан Адеми.

Дополнително поради суспензија (жолти картони) за гостувањето кај Австрија недостапни се: Муслиу, Несторовски и Николов.

„Имаме мотив, не смее да станува забор за тоа дали сме мотивирани. Имаме проблеми но не се жалам. Ќе барам максимално залагање. Австрија е фаворит но ние сакаме да ги заокружиме овие квалификации со добри игри и секако да се подготвуваме за она што не чека во март и дуелот со Косово. Алиоски отпадна од комбинација, Тричковски правеше макгнетна резонанца но мали се шансите да ни се приклучи и затоа го повикав Костадинов. Велковски и Ристовски доаѓаат на подготовките по повредите. Имаме тројца суспендирани но без оглед на се ќе бидеме на ниво.“ – изјави селекторот Ангеловски на денешниот сосбир.

Настапот на Стефан Спировски е неизвесен како и на стоперот Дарко Велковски, за нив главниот збор ќе го има лекарскиот тим. Ангеловски дополнително го повика Тихомир Костадинов кој игра во словечкиот тим Ружомберок.

„Размислувам да повикам уште еден играч. Во одбраната немаме голем избор, имам план, ги имаме Зајков, Тошевски и Младеновски имаме доволно опции и најважно е како ќе изгледаме ние. Дома загубивме во доминантната игра на Австрија и нашето лошо издание. Но ова е искуство и сега ќе направиме да биде спротивно, да извадиме максимум од овој меч. Австрија е силна и квалитетна. Ќе бидеме мотивирани против силен противник и она во Скопје да покажеме дека беше лош ден.“ – дополни Ангеловски.

Потсетуваме, за прв пат во сениорската репрезентација е повикан Даниел Аврамовски од Вардар а повторно на списокот на Ангеловски се најде Никола Ѓорѓев.

Ангеловски потврди дека Адеми нема да игра фудбал до крајот на оваа година, што е дополнителен проблем за нас пред овие два дуели.

Македонија на 16 ноември ќе и гостува на Австрија а евроквалификациите ги завршува на домашен терен против Израел на „Тодор Проески“ на 19 ноември.