Андреј Шевченко е легенда на украинскиот фудбал и на Милан.

Во моментов тој е селектор на репрезентацијата на Украина , репрезентација со која сме во иста група на престојното ЕВРО 2020.

Андриј Шевченко го користи периодот пред ЕВРО 2020 за промоција на својата автобиографска книга, во која украинската фудбалска легенда открива различни детали од својот живот.

Меѓу другото, Шевченко се потсети и на периодот на големата нуклеарна несреќа во Чернобил.

„Јас израснав на 200 километри од нуклеарната централа каде се случи големата несреќа. Се ми изгледаше нормално, имав десет години, играв фудбал по ливади, ме однесоа во младинската академија на Динамо Киев… и тогаш реакторот 4 експлодираше и сите моравме да заминеме“, се потсетува Шевченко.

Неговите мајстории со фудбалската топка пресудија Андриј да тргне по патот на професионалниот спорт, нешто што му го спасило животот.

„Воопшто не се сомневам дека фудбалот ми го спаси животот. Пријателите што ги имав во Киев, секое следно доаѓање во овој град ги имаше се помалку и помалку. Сите умреа, не од радијација, туку од алкохол, дрога… Јас се спасив поради љубовта на моите родители и мојата љубов кон фудбалот“, истакнува Андриј Шевченко.

Најболен пораз во неговата играчка кариера без конкуренција е финалето на ЛШ во 2005 година, кога Милан прокоцка предност од 3-0 по првото полувреме и на крајот загуби на пенали од Ливерпул.

Запрашан за тоа дали би сакал некогаш да го води Милан , популарниот Шева даде интересна изјава.

„Милан не е клуб, Милан е семејство. Кога ќе пристигнеш во Миланело те третираат како член на семејството, а не како фудбалер. Дали би сакал да го тренирам Милан? Тоа е мојот сон, ќе видиме. Сигурно дека тоа би било нешто најголемо во кариерата за мене“,изјави Шевченко.

Шевченко играше за Милан од 1999 до 2006 година по што премина во редовите на Челси. Во 2008 година повторно се врати меѓу „росонерите“ како позајмен играч, а од 2009 година до 2012 играше својот матичен клуб Динамо Киев, каде и ја заврши кариерата.