ФК Вардар се уште чека нов сопствник, најавените катарски инвеститори се во игра но за ова да биде реализирано, потребно е Сергеј Самсоненко да ги покрие сите долгови кои во моментов изнесуваат околу 3.5 милиони евра.

Ова го посочи Градоначалниот на Град Скопје, Петре Шилегов во интервјуто за „Канал 77.“ Шилегов посочи дека долгот е околу 3,5 милиони евра, клубот тоне во загуби, Самсоненко дал неколку гарандии дека ќе го подмири долгот но тоа не се случило.

„Јас како градоначалник и Владата, зашто ПУИГ е сопственик на 49 отсто од акциите преземавме дејствија околу каматата (5 милиони денари) да се избрише за дебклокада, плус уплативме 5,8 милиони денари со цел да се деблокира сметката. Исто така, го замоливме Панчев да ја тргне блокадата, што и се случи и го доведовме клубот да може да аплицира со ваучерите од околу 340.000 евра за да се заврши сезоната. Патем бараме стратешки партнер за Вардар и очекуваме во текот на март да биде решено. Посветени сме на решавање на проблемот, превземаме конкретни чекори, но мислам дека за жал Вардар се злоупотребува во политичка смисла. Дали мислите дека ако дојде некој нов спонзор, на што интензивно работиме, дека така ладно ќе прифати да плати 3,5 милиони евра долг. Не е едноставно. Вардар е дел од македонската традиција, најдобар и најреномираниот клуб во Македонија и никој нема намера да го пушти низ вода. Но секој треба да си ја преземе одговорноста, тој што го направил долгот треба да си го плати.“ – вели Шилегов.