Минатиот викенд АС објади дека Герет Бејл размислува да ги закачи копачките и да ја заврши играчката кариера. Реал минатото лето го позајми во Тотенхем, но ова лето истата истекува и тој се враќа во Мадрид, каде пак не го сакаат. Му преостанува само уште една година од договорот со кралскиот клуб.

Велшанец смета дека идеално решение за двете страни би било да се договорат за раскин на договорот при што Реал би морал да му исплати дел од платата. Бејл следниот месец ќе наполни само 32 години, но ја загубил мотивацијата и сака да одигра успешно на Европското првенство со репрезентацијата, по што би заминал во пензија.

Шпански АБЦ пишува дека Бејл дошол во Мадрид на преговори и дека би бил задоволен со исплата на половина плата која изнесува 15 милиони евра. Доста му било од големиот притисок во фудбалот и сака да води помирен живот. Планот му е да се посвети на голфот, кој го игра веќе подолго време, па би сакал да стане професионален играч во тој спорт.

Бејл во Реал Мадрид пристигна од Тотенхем во 2013-та година за тогаш рекорден трансфер вреден 100 милиони евра, а од тогаш за мадридскиот клуб настапи на 251 меч каде постигна 105 погодоци. Оваа сезона е на позајмица во Тотенхем, каде одигра 34 меча и постигна 16 голови.