Вардаровата фудбалска легенда, Драган Мутибариќ не смее и нема да биде оставен на цедило, по најавите помош од ФФМ, за еднократна финансиска уплата од АМС, акциите на „Комити“ за помош и потврдата дека Трифун Костовски ќе го плати целото лекување на поранешниот голман, за Дриблинг.мк, од Синдикатот на фудбалери на Македонија потврдија дека и тие се подготвени да помогнат во рамките на нивните можности.

„По иницијатива на претседателот на Синдикатот на фудбалери на Македонија, Управниот одбор на Синдикатот на фудбалери на Македонија, одлучи да одвои финансиски средства за помош на нашата легенда Муто, секако со негово одобрување. Од Утре па се до крајот на 2021 година, во следните осум месеци, СФМ ќе му исплаќа на Мутибариќ по 12 000 денари секој месец. Ова е скромна сума, но сакаме да помогнеме во овој момент колку што можеме. Нашите легендарни фудбалери не смеат да бидат заборавени.“ – велат од Сојузот на фудбалери на Македонија за Дриблинг.мк.

Од СФМ најавија дека акциите за помош на сите на кои им е потреба продолжуваат, фудбалерите мора да бидат препознаени и признаени и потсетија дека сите кои имаат потреба од правна или каква било помош, може да се обратат во СФМ.

Главната цел на СФМ е поддршка на фудбалерите и нивните права во своите клубови, па во пресрет на летниот преоден рок, потсетуваме сите фудбалери од земјава да ја користа подадената рака од Синдикатот, со цел да избегнат несакани правни проблеми и слични пречки со кои се соочуваат секојдневно.