Селекторот на Македонија, Васко Скендеровски не е премногу воодушевен од денешната ждрепка во Нион за бараж натпреварите за пласман во квалификациите за Еуро 2020.

„Морам да бидам искрен дека не сум баш најсреќен со ждрепката. Според мене, две репрезентации кои сакав да ги избегнеме во овој бараж беа Англија и Црна Гора. Англија има голем напредок, сепак се колевка на фудбалот а футсалот не е далеку од фудбалот. Мора да бидеме оптимисти, се надевам дека ќе бидеме многу посремни физички и психички за разлика од претквалификациите во Скопје. Засилени со играчите кои отсуствуваа на турнирот неодамна, мислам дека сепак ќе бидеме фаворити.“ – изјави Скендеровски за Дриблинг.мк

Селекторот тврди дека Велс и Англија играат сличен футсал иако е премногу рано за да се прават паралели со противникот кој го победивме во Скопје со 1:0 во претквалификациите во однос на нашиот следен предизвик.

„Многу е рано да се прават паралели меѓу Велс и Англија. Токму Велс го скенирав од дуелот со Англија, кој англичаните го добија со 4:0, затоа велам сега не можам да правам паралели.  Ако добро ја скенираме селекцијата на Англија во која има два, три квалитетни поединци, мислам дека нема да имаме проблеми. Сепак, футсалот е таков спорт во кој изненадувањата секогаш се можни затоа мора да бидеме претпазливи.“ – додава Скендеровски за Дриблинг.мк

Македонија претквалификациите ги заврши на второто место во својата група со една победа над Велс и со пораз од Норвешка.

„Мислам дека Англија е далеку послаба од Норвешка. Мислам дека ако добро ја поставиме нашата тактичка игра, особено на првиот натпревар во Англија кој е многу важенм, да успееме уште таму да ги решиме дилемите околу пласманот во главната рунда, иако пак ќе кажам се работи за екипа која не ја посакував во овој бараж двомеч. “ – објаснува Скендервоски за Дриблинг.мк.

Двомечот меѓу Македонија и Англија ќе се игра во периодот од 8 април и 15 април.