Наспроти најавите дека Манчестер Јунајтед сака да се ослободи од Пол Погба, менаџерот на „црвените ѓаволи“, Оле Гунар Солскјер тврди дека клубот не е проморан никого да го продаде. Според норвежанецот, Погба и во следната сезона ќе биде дел од Јунајтед и покрај шпекулациите за евентуалниот трансфер во Реал Мадрид.

„Што и да кажам за Пол ќе биде искористено од медиумите. Не сакам така да го наречам но мислам дека постои хајка против Пол. Тој е голем професионалец и никогаш не сме имале проблем . Тој секогаш го дава максимумот. Ќе повторам уште еднаш, не сум тука да зборувам само за него но можам да кажам дека ние сме Манчестер Јунајтед, тоа значи дека не сме приморани да купуваме или пак да продаваме. Погба има уште неколку години од договорот со нас и откако ни се приклучи на тренинзите е фантастичен.“ – изјави Солскјер

Солскјер потврди дека до овој момент нема официјална понуда за Погба како и за останатите играчи.

„Пол и повеќе наши играчи имаат долгогодишни договори, ние сме Јунајтед, не мораме никого да продадеме“. – уште една потенцираше Солскјер кој заедно со неговите играчи е во Перт, Австралија каде Јунајтед ги започна подготовките за новата сезона.

Наскоро се очекува Манчестер Јунајтед да го потврди трансферот на Фернандес од Спортинг Лисабон кој би бил трето засилување по Џејмс и Ван Бисака.