Претседателот на Пари Сен Жермен, Насер ал Келаифи е уште еден во низата мулти-милијардери кој е обвинет за давање поткуп.

Имено, тој му давал поткуп на Жером Валке во процесот на продажба на телевизиските права за Светските првенства. Ал Келаифи е сопственик на телевизиската мрежа  „beIN Media Group“ и воедно и член на Извршниот борд на УЕФА.

„Според обвинението веќе не се работи за измама туку Ал Келаифи и уште едно лице се обвинети дека го подмитиле Валке кој поради тоа сторил сериозен криминал во менаџирањето на ситуацијата. И третото лице исто така е обвинето за давање мито“ – пишува во соопштението од Швајцарското обвинителство кое го води случајот.

Жером Валке во 2016 година,  доби 12-годишна суспензија од фудбалот  кога беше отркиен корупцискиот скандал во ФИФА, а тој му беше прв соработник на поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер.