Домашната кошарка и ракомет нема да ни понудат спортски адреналин ова лето, сезоните се поништени а во фокусот остана домашниот фудбал. Сезоната ќе се доигра? Ова не го знае ни министерот за здравство на Македонија, Венко Филипче.

Додека кај нашите соседи спортот добива сериозно значање заедно со бизнис секторот, во Македонија, тој е на последно место. Министерот за здравство на Македонија, Венко Филипче денеска најавија дека дискутираат на темата спорт, и размислуваат за дозвола за активности во индивидуалните спортови, но за тоа повеќе ќе се знае утре.

„Автошколите и спортските обложувалници ќе бидат меѓу првите што ќе бидат отворени, доколку се потврди трендот на намалување на бројот на новозаболени од Ковид-19, секако согласно мерките за заштита и услови на шалтерски систем.  Најпрво се размислува да се дозволат индивидуалните спортови, но повторно за времето и начинот на кој, дозволете да информирам, утре после состаноците на Комисијата за заразни болести и на Централниот штаб на владата. “ – изјави Венко Филипче.

 

Ова значи дека прашањето за рестарт на фудбалското првенство, за продолжување на сезоната пред се во ПМФЛ и во ВМФЛ, останува неодговорено од официјалните власти во земјава. Од ФФМ претходно посочија дека сезоната не може да продолжи пред 8 јуни, но и за ова до моментов нема „амин“ од властите во Македонија.

Бундес лигата во Германија ќе започне следниот викенд. Во Италија, Англија и Шпанија на големо се подготвуваат за рестарт, но кај нас очигледно се водат по примерот на Франција и Белгија каде сезоната беше поништена.