Полуфиналниот натпревар во Лигата на нации во Скопје, меѓу Македонија и Косово повеќе од веројатно е дека ќе се игра без публика. Ова доаѓа по денешната одлука на Комисијата за заразни болести која имаше состанок со Центарот за управување со кризи со која побарано е во следните две недели до 24 март сите спортски натпревари да се играат без публика.

„Комисијата за заразни болести на денешната седница заклучи дека е потребно проширување на мерките за заштита од коронавирусот. Таа препорача сите градинки, училишта и факултети да бидат затворени во следните две недели. Исто така, се забрануваат сите масовни собири на отворено и на затворено, а сите спортски собири да бидат без публика. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средноризични држави во период од 14 дена.“ стои во препораката од Комисијата за заразни болести доставена до Владата на РСМ.

Извесно е дека натпреварот нема да биде одложен но ќе се игра пред празни трибини. Ова е логичен заклучок по сите одлуки на Серија А, Ла лига како и УЕФА која во соработка со клубовите веќе донесе одлука три натпревари од реваншите во осминафиналето во ЛШ да се играат без публика.

Последната препорака од министерот за здравство, Венко Филипче беше да се играат сите спортски натпревари во Македонија без навивачи заклучно со 13 март.  Ова рок најверојано ќе биде продолжен до крајот на овој месец.

Во меѓувреме се погласни се шпекулациите дека можно натпреварите од Лигата на шампионите и во Лигата на Европа на УЕФА да бидат стопирани се додека не се смири ситуацијата со коронавирусот.