По пауза од 18 месеци, Александар Таневски – Клајне се враќа во клубот каде го направи најголемиот успех како тренер. Таневски утре ќе ја предводи Македонија Ѓорче Петров во пресметката со Пелистер во 30 коло од ПМФЛ.

„Дома е секогаш убаво, пред се кога се враќаш дома, на местото каде што си „пораснал. Амбициите се излез во Европа и веруваме дека ќе го задржиме третото место на табелата. Во фудбалот се случуваат и такви порази, како тој од Струга ТЛ, затоа е интересен. После таков пораз само големите се враќаат уште посилни. Мило ми што се враќам во Ѓорче, сега Македонија ЃП е еден од најорганизираните клубови во Првата лига, и задоволство е да се работи тука.“ – вели Таневски за Дриблинг.мк

Поразот од Струга ТЛ е минато, важно е она што го носи сезоната во продолжение, па предизвикот останува идентичен, она што го почна Жикица Тасевски, да го реализира Таневски, „Лавовите“ и ова лето да играат во квалификациите за Лига Европа.

„До крајот ќе биде тешко да се задржи местото за излез во Европа, но ние се уште сме во предност и на секој натпревар ќе играме до последната минута, лавовски за да ја оствариме нашата цел. За мечот со Пелистер, Адем (5 жолти картони) и Личина (црвен картон) се суспендирани. Сепак верувам дека ќе ја вратиме самодовербата и играчите ќе го дадат својот максимум до самиот крај.“ – објаснува Таневски за Дриблинг.мк

Македонија ЃП има еден бод предност во однос на Струга ТЛ која во 30 коло од ПМФЛ го дочекува Шкупи.

Standings provided by SofaScore LiveScore