Неизвесноста околу доигрувањето на домашното фудбалско првенство и националниот Куп продолжува. За утре е најавен состанок за тоа дали сезоната ќе продолжи, ако продолжи на кој начин ќе се реализира или пак ќе биде поништена.

Тренерот на Академија Пандев, Александар Таневски за Дриблинг.мк вели дека мора да се земат сите работи во предвид пред да се донесе конечна одлука, тој уверува дека на прво место мора да биде здравјето на фудбалерите и внимателно да се следи состојбата со пандемијата предизвикана од Ковид-19.

„Нашата желба е сезоната во ПМФЛ и во националниот Куп да се доигра. Позициите на табелата и евентуалниот пласман во европските купови да биде решен на зелениот терен. Секако дека здравјето на играчите е најважно и мора да биде на прво место. Имаме доверба во работата на ФФМ и веруваме дека ќе го најде најдоброто решение за клубовите. Размислуваме позитивно, веруваме дека спортот на крајот од денот ќе победи во ова невреме кое сите не зафати поради коронавирусот. “ – објаснува Александар Таневски.

Според предводникот на минатогодишниот освојувач на националниот Куп, сега е важно да се мисли и на физичката и на менталната форма на играчите.

„Сите сме свесни дека на играчите им е најтешко, поминуваат низ тежок период, но морам да ги пофалам затоа што и во вакви вонредни услови ги исполнуваат сите задачи кои ние како стручен штаб им ги задаваме.“ – вели Таневски.

Предводникот на Академија Пандев потврди дека сите во клубот со нетрпение ги очекуваат новите препораки и одлуки по однос на сезоната и начинот на тренирање.

 

„Нема финански проблеми, долгови, се е исплатено на време и затоа единствено нешто што ни останува е да размислуваме само на фудбал и на тоа што можеме во моментов да направиме за да го подигнеме нивото. Што и да се случи, ние од целатата ситуација верувам дека ќе излеземе како победници.“ – додава Таневски.

Од ФФМ до понеделник треба да ја известат УЕФА за тоа кои се плановите во однос на сезоната во ПМФЛ и во националниот Куп, за утре е закажан нов состанок меѓу клубовите и федерацијата по кој многу работи ќе бидат појасни.