Тренерот на македонскиот тим Македонија ЃП, Александар Таневски по убедливиот пораз со 0-3 од ерменски Алашкерт во реванш мечот од првото коло во квалификациите за Лига Европа посочи дека добиле лекција од ерменскиот тим.

„Честитки за Алашкерт за пласманот понатаму и им посакувам многу среќа и да стигнат далеку во Европа. Тие покажаа дека се далеку посикусен тим од нас и нема за што да жалиме. Ние во последните две години направивме многу, од втора лига стигнавме до прва, а сега и во Европа и две години се премалку за фудбал за да направите нешто. Ова е голема лекција за нас. Јас можам да кажам само главата горе – Македонија ЃП ќе продолжи да работи и да напредува“, рече Таневски по натпреварот.

„За да пројдеш понатаму треба многу повеќе. Треба да дадеш повеќе од себе. Како да не го покажавме тоа. Конфузно влеговме во мечот, неискусно примивме гол, од акција два на три. Тој прв гол беше пресуден. Но, ние и на првиот меч, а и сега игравме како да бараме бод или три, како прволигашки меч“, додаде Таневски.

Тренерот на Алашкерт, Абрахам Кашманјан посочи дека првиот гол им ја олеснил задачата за да стигнат до втора победа во дуелот со „лавовите“.

„Не беше лесен меч за нас иако победивме со 3-0. Како што очекувавме така почна мечот, имавме среќа да го дадеме првиот гол и после тој гол беше послесно и игравме помирно. Во вториот дел го контролиравме мечот. Македонија ЃП има иднина, има млади играчи и им посакувам среќа во иднина“, рече тренерот на Ерменците.