Новиот предводник на Академија Пандев, Александар Таневски четвртиот соговорник на Дриблинг.мк во серијалот посветен на влијанието на коронавирусот по спортот во Македонија.

Таневски признава дека ситуацијата е далеку од посакувана и очекувана но подобро утре мора сите заеднички да се бориме.

„Искрено мислам дека ова е најлошото нешто што може да му се случи на фудбалот, баш во овој период кога следи разврската на првенството и Купот, но и на државата. Но здравјето на секој граѓанин е пред се! Мораме да бидеме одговорни пред самите себи а истовремено и разумни. Во животот доаѓаат различни и неочекувани работи и мораме да се носиме со тоа. Мислам дека сите, ќе излеземе како победници од сето ова.“ – објаснува Таневски.

Младиот фудбалски стратег ги потврдува стравувањата на луѓето од спортот во одност на финансиските последици кои ќе ги донесе оваа пандемија.

„Психолошкиот момент е многу важен како за луѓето кои се занимаваат со некој бизнис или спорт независно, а сето тоа е поврзано на еден или друг начин. Самата неизвесност носи одреден притисок по идиниата кај секој граѓанин, но и кај нас спортистите. За нас во фудбалот е лошо што немаме информација до кога точно би траело сето ова (како и никој во светот). Специфична е ситуацијата со која прв пат се среќаваме, и мислам дека ако сето ова потрае, сите спортисти ќе имаат потешкотии при враќањето во натпреварувачка форма.“ – вели Таневски.

Околу начинот на работа, активностите во клубот и соработката, Академија Пандев меѓу првите од ПМФЛ одлучи да прекине со вообичаените тренинг сесии, и секој играч поединечно и сам да работи на задржување на формата.

 

„Ние во Академија Пандев се носиме со оваа ситуација, навремено ги прекинавме активностите во Академијата и во сениорскиот тим, се со цел да ги заштитиме нашите членови, но и да бидеме пример за останатите. Стручниот штаб и фудбалерите се во секојдневен телефонски контакт, фудбалерите ја извршуваат дадената програма а ние знаеме што од предвиденото е сработено.“ – тврди Таневски.

Таневски се приклучи кон апелите и желбите на Горан Ѓоргоноски, Бобан Николов и на Жикица Тасевски за побрзо пребродување на кризата и враќање на животот и спортот во нормала.

„Сакам ова што побрзо да заврши со помали последици, и Бог да го чува целиот наш народ и Македонија.“ – апелира тренерот на Академија Пандев, Александар Таневски.

Дамјан Николовски