Зимските преодни рокови никогаш ја немаат вредноста и ефикасноста на летниот, меѓутоа еве топ 5 европски клубови кои буквално го „преспаа“ јануарскиот преоден рок.

1. Челзи.

Во декември на Челзи му беше укината забраната за купување на играчите и се сметаше дека ќе го искористи зимскиот преоден рок и ќе донесе искусни фудбалери.

Се зборуваше за трансфер на Санчо, Иско, Дембеле, Саха, Поуп, Кавани и Мертенс. На крајот не бидна ништо од тоа, па зимскиот преоден рок заврши со купување на 16-годишниот Норвежанец Брајан Фјабема за својата младинска екипа.

2. Баерн.

Баерн се интересираше за Хакими, Олмо, Лемар и Сане, но ниту една од овие зделки не е реализирана. Во почетокот на јануари тренерот Флик се жалеше дека половина од тимот му е повреден и дека пред средбата со Херта има на располагање само десетмина фудбалери. Бараше засилувања, но тоа не беше слушнато од раководството на клубот и зимскиот рок заврши со позајмицата на дефанзивецот на Реал, Алваро Одриосола.

3. Атлетико Мадрид.

Атлетико целиот јануарски преоден рок го потроши во очајнички обиди да го ангажира Единсон Кавани од ПСЖ. Минуваа денови, се менуваа и сумите во понудата – 8, 10 и 15 милиони евра, ама газдите на ПСЖ запнаа за 20 милиони евра и преговорите пропаднаа. Крајот на јануарскиот преоден рок Атлетико го дочека само со позајмицата на играчот за врска Јаник Караско од кинескиот клуб Далјан Ифан.

4. ПСЖ.

„Парижаните“ беа апсолутно рамнодушни во однос на зимскиот преоден рок. Скоро да немаше дури и шпекулации за заинтересираност на ПСЖ за некој одреден фудбалер. Повеќе се зборуваше за заминувања од клубот, како тие на Кавани и на Курзава, ама дури и тоа не се случи, па и двајцата останаа во клубот.

5. Манчестер Сити.

Манчестер Сити како ретко кој клуб во Премиер лигата имаше потреба од централен дефанзивец. Лапорт е повреден, а Стоунс се повеќе ја грее клупата, па товарот паѓа на 34-годишниот Фернандињо и на нестабилниот Отаменди. Се зборуваше за ангажирање на Џони Еванс и на Чаглар Сјунџу од Лестер, Рубен Диаш од Бенфика и Упамекано од Лајпциг. Сепак, јануарскиот преоден рок заврши а Манчестер Сити не заклучи ниту една зделка.