Македонскиот дебитант во квалификациите за Лига Европа, Академија Пандев, утревечер ќе го одигра својот прв натпревар против босански Зрињски, а на прес конференцијата за медиумите, тренерот Југослав Тренчовски ја истакна примарната цел на струмичани на овој натпревар.

„Ова е наше деби во Европа и сето тоа носи и предизвици, но и недостатоци. Можеби хендикеп е неискуството, особено што имаме млад тим, а само тројца имаат искуство од вакви настапи, но од друга страна можеби е предизвик плус што овој тим со срце и карактер ќе има шанса да се покаже во најдобро светло. Желбата е на наша страна, да се претставиме во најдобро светло и на најдобар начин да го претставиме македонскиот фудбал. Зошто да не победиме? Нас не краси тимска игра и секој резултат во кој нема да примиме гол ќе бидеме задоволни. Секој резултат со даден гол, а без примен би бил фантастичен резултат. Зрињски е фаворит, ама има непишано правило дека фаворитите на хартија не секогаш победуваат“ – истакна Тренчовски.

Фудбалерите на освојувачот на Купот на Македонија имаат желба за што подолго да останат во квалификациите за ова европско натпреварување.

„Имаме противник по мерка, но знаеме дека нѐ очекува цврст и тежок меч. Искуството е на нивна страна, фаворити се, но ние ако ги исполниме сите задачи од стручниот штаб можеме да стигнеме до поволен резултат. Наша цел е што подолго да опстанеме во овие квалификации и сакаме да го претставиме македонскиот фудбал на најдобар начин.“ – изјави дефанзивецот Диме Димов.

Натпреварот помеѓу Академија Пандев и Зрињски се игра утревечер на националната арена „Тодор Проески“ со почеток во 19.00 часот.