Астон Вила го смени тренерот Дин Смит по три години минати на клупата, јавува Би-Би-Си.

На Смит му пресуди поразот од 1:0 од Саутемптон во петокот, веќе петти по ред во Премиер лигата, што е најлош низ за клубот од Бирмингем од почетокот на 2017-та година, додека играше во Чемпионшип. Во моментов Астон Вила е на 16-тата позиција, два бода над опасната зона.

Ова е веќе петта тренерска смена во Премиер лигата оваа сезона, а трета само оваа недела.

Во понеделникот отказ од Тотенхем доби Нуно Еспирито Санто, на чие место дојде Антонио Конте. Во пеоткот Норич го отпушти Даниел Фарке, а како фаворит за негов наследник се споменува Франк Лампард.

Прва тренерска жртва сезонава беше Ксиско Муњоз од Вотфорд, уште на почетокот на октомври, а во меѓувреме Њукасл го отпушти Стив Брус.