Македонската репрезентација до 19 години во Елитната фаза квалификации доби тешки противници за пласман на Европското првенство 2020 година во Северна Ирска. Младите надежи ќе се соочат со Шпанија, Белгија и Бугарија.

Селекторот на нашата репрезентација, Горан Станиќ вели дека во оваа фаза квалификации нема лесни противници, а овие натпревари ќе бидат големо искуство за фудбалерите и мотив плус за докажување.

„Шпанија е актуелен Европски првак и апсолутен фаворит, посебно што турнирот ќе го организираат на свој терен. Во оваа фаза, едноставно нема лесни противници, кој и да се паднеше на извлекувањето за нас е вистински предизвик. Ќе се обидеме да се надигруваме, натпреварите се можност фудбалерите да се покажат во вистинско светло и да докажат дека имаат квалитет. Ќе биде вистински предизвик за нас и се надевам дека ќе го дадеме својот максимум“- изјави Горан Станиќ.

Турнирот од Елитната фаза квалификации ќе се одигра во Шпанија од 25. до 31. март следната година.