До 9.500 гледачи ќе можат да го следат финалето на Лигата на Европа во Гдањск од трибините во живо на 26 мај, објави денес УЕФА, отворајќи продажба на билети, откако полските власти одобрија 25% од исполнетоста на стадионот

„Гледачите кои доаѓаат од странство ќе мора да ги почитуваат ограничувањата и барањата што се во сила на полската територија за време на финалето, бидејќи нема да има исклучоци за нив“, предупреди УЕФА.

УЕФА на 31 март објави дека ја укинува забраната за присуство на публика на стадионите на странски гледачи, почнувајќи од „финалето на клупските натпреварувања“, така што финалето на Лигата на Европа и Лигата на шампионите (на 29 мај во Истанбул) може да го следат навивачи.

Но, во пракса, „влезот на стадионите ќе биде дозволен само според локалните закони, кои треба да бидат прецизирани оваа недела и може да бара доказ за вакцинација или негативен резултат на тест Ковид-19“, додаде УЕФА.

УЕФА одобри 2.000 билети за секоја екипа и пушти во продажба уште 2.000 билети на својата официјална веб-страница до пладне  по цена од 40 до 130 евра. Останатите билети се наменети за „локален организациски комитет, УЕФА, национални федерации, комерцијални партнери и дистрибутери“.

УЕФА исто така објави дека ќе биде организирана ждрепка за продажба на билети, истакнувајќи дека парите од билетите ќе бидат вратени доколку се намали бројот на гледачи.

Финалистите во Гдаск ќе бидат познати по овој четврток кога се играат реваншите од полуфиналето. На првите натпревари Манчестер Јунајтед оствари солидна предност совладувајќи ја Рома со 6-2, додека Виљареал го совлада Арсенал со 2-1.