Дисциплинската комисија на УЕФА покрена постапка против косовскиот и црногорскиот фудбалски сојуз поради случувањата на натпреварот од седмото коло од квалификациите за пласман на ЕУРО 2020.

Фудбалскиот сојуз на Црна Гора е под истрага поради фрлање објекти на теренот и немири на трибините кои се случија во осмата минута од средбата во Приштина.

Во извештајот на делегатот се наведува дека домашните навивачи ги провоцирале навивачите на Црна Гора по што дошло до судир меѓу Црногорците и обезбедувањето на стадионот.

Поради фрлање на предмети и гаѓање на гостинските навивачи е покрената дисциплинска постапка против косовскиот Фудбалски сојуз.

Конечната одлука ќе биде донесена идната седница која е закажана за 21 ноември.