Валериј Карпин е новиот селектор на Руската фудбалска репрезентација.

Карпин официјално ќе потпише договор на 26 август со важност до крајот на оваа година, а евентуалното продолжување на соработката ќе зависи од резултатот што ќе ги оствари со националниот тим во мундијалските квалификации.

Карпин ќе дебитира на 1 септември кога Русија во Москва ја пречекува Хрватска во рамки на квалификациската група Х во која се и Словачка, Кипар, Словенија и Малта.

На селекторската должност Карпин доаѓа на местото на Станислав Черчесов, под чие водство Русија претрпе три порази на ЕУРО2020 и беше елиминирана веќе во групната фаза.

„Нема потреба од посебно претставување кој е Валериј Карпин. По фудбалската кариера стекна богато тренерско искуство, кое вклучува и успешна работа на клупата на Ростов изминатите години“, изјави претседетелот на Руската фудбалска федерација Александер Дјуков.

Карпин замина во фудбалска пензија во 2005 година во Реал Сосиедад, а од 2009 почна тренерска кариера, предводејќи ги екипите на Спартак Москва, Мајорка, Торпедо и Ростов.