Сергеј Самсоненко денеска и официјално го напушти Вардар, долговите останаа, бизнисменот од Русија не издржа финансиски.

Сега Вардар има втор проблем, долгот кон вработените од околу 1,5 милиони евра остана неисплатен, со тоа се губи правото на лиценца за настап во квалификациите за Лигата на шампионите или Европа лигата.

Самсоненко на сајтот на Вардар со соопштение објасни зошто заминува, но со тоа проблемите на играчите и вработените во клубот не се решени.

„Во неколку наврати ја информиравме и јавноста дека финансирањето на клубот претставува голем товар и дека истиот е многу тешко да се издржи бидејќи бев директно погоден финансиски со обидот за нелегално и криминално преземање на мојот објект во градба во центарот на Скопје кој требаше да биде главна финансиска поткрепа на спортските колективи. Правната постапка за спорот е во тек, искрено се надевам и верувам во надлежните институции кои треба да ја докажат правдата и се надевам на позитивна разврска на целиот случај. Покрај тоа, дополнителни потешкотии во финансирањето се создадоа и поради пандемијата на Ковид – 19 од која сериозно е погоден целиот свет. Поради овие причини кои веќе се надвор од моја моќ и контрола не сум повеќе во можност да ги исполнувам финансиските обврски и со цел да ја заштитам иднината на еден од најголемите спортски брендови ФК Вардар принуден сум да го вратам овој клуб на Град Скопје“ – објасни Самсоненко.

Нејасно е што ќе се случува во блиска иднина, каква ќе биде одлуката на првите луѓе на Градот Скопје, долговите кои ги остави зад себе Самсоненко не с емали, но проблемот со обезбедување на лиценца од УЕФА, се чини уште една сезона Вардар ќе остане без настап во Европа.