Македонската сениорска фудбалска репрезентација пред 27 години во Крањ ја победи селекцијата на Словенија со 4:1.

Ова беше прв натпревар за Македонија по осамостојувањето, ден и резултат кој ќе останат запишани во историјата на нашиот репрезентативен фудбал.

Првиот стрелец беше Зоран Бошковски – Чоко, и тој и неговиот гол, влегоа во историјата на оваа држава. ДОНЧО, ПАНЧЕВ, ЧОКО, ЦАПАР, ЧЕДЕ, ИЛИЈА…

Македонија е самостојна држава од 1991 година, но две години подоцна доби шанса од ФИФА и УЕФА да настапува како посебна репрезентација. Тогашниот Фудбалски Сојуз на Македонија, сега ФФМ, се одлучи првиот меч да го одиграме во Крањ, на гости во Словенија и тоа на 13 октомври 1993 година.

Селекторот Андон Дончевски имаше силен состав, тука беа Дарко Панчев, потоа Зоран Бошковски – Чоко, Драган Канатларовски – Цапар, Чеде Јаневски, Илија Најдоски и другите. Тогаш таа Словенија венија беше лесен залак, ја победивме со 4:1. Тој 13 октомври во Крањ, пред 27 години, со златни букви ќе биде запишан како датум на кој стартуваше нашата фудбалска репрезентативна историја. И веќе во 3. минута гол, водство. По додавањето на Дарко Панчев, Чоко Бошковски уште во 3. минута постигна гол, првиот за Македонија, На радоста и немаше крај. Следуваа головите на Панчев (37.минута), Чеде Јаневски (48.минута) и на Драган Канатларовски (51.минута) за голема победа од 4:1. Почесниот гол за домашните беше дело на Пате (40.минута). Дончевски на тој натпревар им даде шанса на следните момци: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63. Неџмедин Мемеди), Зоран Јовановски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Чеде Јаневски, Зоран Бошковски (86. Ванчо Мицевски),Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (12.Горан Георгиевски, 73. Саше Милошевски), Тони Мицевски.