Се случи првото големо изненадување на ЕУРО 2020, силната Холандија која групната фаза ја заврши со три победи е елиминирана во осминафиналето од страна на Чешка, која во Будимпешта победи со 2:0.

Но, се можеше да биде поразлично доколку не се случеше оној непромислен и можеме да кажеме аматерски потег на Матајс Де Лихт, кој намерно играше со рака, а првично доби жолт картон, но по преглед на ВАР снимката, доби директен црвен и речиси цело второ полувреме ги остави своите соиграчи на цедило со и играч помалку.

Тоа прво го искористи Томас Холес во 68-та минута, стрелајќи за 1:0 по една гужва во шеснаесетникот на Холандија.

Конечните 2:0 ги постави Патрик Шик со гол во 80-тата минута, кој е негов четврт на ова Европско првенство со што тој се кандидира за титулата најдобар стрелец на првенството.

Чешка во четвртфиналето ќе игра против Данска, која вчера беше подобра од Велс со 4:0.