Фудбалерите на Интер се наоѓаат пред пласман во нокаут фазата во Лигата на шампионите откако со одлична игра во второто полувреме го совладаа Шахтјор со 2:0 во натпревар од групата Д.

Стрелец на двата гола беше Един Џеко и со трите бода, Интер изби на првото место на табелата со 10 бода по пет кола, еден повеќе од Реал Мадрид кој вечерва му гостува на Шериф Тираспол.

Иако во првото полувреме беа подобар противник, „неразурите“ не успеаја да постигнат гол, а најблиску до него беа во 23. минута кога по ударот на Ранокија со глава, топката заврши покрај голот. Веќе во наредниот напад Перишиќ постигна гол, но беше поништен поради офсајд.

Тоа што го пропуштија во првото полувреме, фудбалерите на Интер го надополнија во второто и тоа преку Џеко. Репрезентативецот на БиХ, првиот гол го постигна во 61. минута, а пет минути подоцна го постави конечниот резултат.