Ирската репрезентација не се пласираше на Европското првенство, но еден од најпознатите ирски пејачи на истото ќе има важна улога.

Пол Дејвид Хјусон, попознат како Боно Вокс од „U2“, ја пее песната „We Are The People“, која е претставена како службена химна на Европското првенство, на кое ќе настапува и Македонија. Песната ја изведува заедно со познатиот гитарист Дејвид Хјуел Еванс, а автор на песната е холандскиот Ди-Џеј Мартин Гарикс.

До Европското првенство остана уште помалку од еден месец. На 11-ти јуни во Рим турнирот ќе го отворат Италија и Турција.

Гарикс песната почнал да ја пишува пред три години. Имал големи планови, но ни во сон не се надевал дека членови на овој славен бенд ќе соработуваат со него.

„Морав да го исклучам микрофонот кога ми се јавија затоа што вриснав. Се ежев цело време. Човече, Боно Вокс е покрај мене и ја пее мојата песна“– кажа за УЕФА, Мартин Гарикс.

А ја опиша и песната.

„Извикот на навивачите е тука да ја поврзе музиката и фудбалот, а толку нам ни недостасуваше во оваа пандемија. Оваа песна доаѓа во право време, кога луѓето повторно почнуваат да собираат“– вели Гарикс.

Во спотот се појавува и Џејсон МекАтир, поранешен ирски репрезентативец. Тој го постигна одлучувачкиот гол против Холандија со кој Ирска отиде на Светското првенство во 2002 година.

Песната е дел од поширокиот проект на УЕФА и планот навивачите после долгото отсуство да се стават во право расположение пред турнирот. Играчите во периодот пред првенството ќе праќаат промотивни видео пораки, кои УЕФА ќе ги користи за кревање на атмосферата, а Гарикс ќе направи компилација и службена плеј листа за Европското. Секоја репрезентација ќе има и сопствена, посебна компилација.