Фудбалерот на Аталанта, Јосип Иличиќ, со својата феноменална игра влезе во аналите на Лигата на шампионите.

Тој постигна 4 гола на гостувањето кај Валенсија, во реванш натпреварот од осминафиналето на Лигата на шампионите и и овозможи пласман на својата екипа, која обезбеди четврт-финале со вкупен резултат 8:4.

Иличиќ на оваа средба собори два рекорди на Лигата на шампионите.

Прво стана најстар фудбалер кој постигна хет-трик на една средба од елиминационата фаза на Лигата на шампионите, тој тоа го направи на 32 години и 41 ден.

Потоа постигна и четврти гол и стана само четврти играч кому тоа му успеа во нокаут фазата на Лигата на шампионите. Претходно ова го направија и Лионел Меси (двапати), Марио Гомез и Роберт Левандовски. Но, Иличиќ е првиот фудбалер кој тоа го направи на гостински терен.

Освен тоа, по Меси и Роналдо, Иличиќ стана само трет во историјата на Лигата на шампионите кој во двата меча со противникот од нокаут фазата постигна 5+ голови.