Венецулскиот Естудијантес Мерида славеше синоќа со 3-2 против перуанска Алијанса во јужноамериканскиот Копа Либертадорес, а нивниот тренер им делеше совети во текот на целиот меч преку мобилен телефон на оддалеченост од дури 8.000 километри.

Тренерот на Естудијантес Мартин Брињани уште во април се врати во родната Аргентина поради коронавирусот и оттогаш не можеше да се врати во Мерида бидејќи авионските врски со Венецуела се целосно затворени.

Принудно, Брињани во средата го водеше тимот на оддалеченост од 8.000 километри од југот на Аргентина до северот на Венецуела, преку мобилен – делејќи совети преку разговор и смс пораки додека го следеше мечот на телевизија.