ППД Загреб вчера направи мало изненадување и го совлада цврстиот Алборг на својот паркет. Со тоа Загреб, барем теоретски, остана во трка за шестото место во групата, последно кое води во осминафиналната фаза на Лигата на шампионите.

Навистина луд тек имаше овој натпревар во својата завршница.

Најпрво Анте Гаџа на само 15 секунди до крајот го донесе Загреб во минимално водство, 30:29. Но, Алборг возврати со молненосна акција и израмни на само 4 секунди до крајот, 30:30.

Кога Загреб се обиде барем да проба да упати удар кон голот на Алборг, тоа не му го дозволи Хенрик Молгард, кој засмета при тргнувањето од центар, па затоа доби црвен картон, а Загреб седмерец, што го реализира Хорват, 31:30.