Големото турско и градско дерби, меѓу екипите на Фенербахче и на Галатасарај, се одигра вчера и заврши со убедлива гостинска победа на Галатасарај, 1:3. Со оваа победа Галатасарај го достигна Трабзонспор, а на Фенербахче му избега цели 7 бода.

Тоа беше тензичен натпревар на кој беа покажани 2 црвени и дури 12 жолти картони кај фудбалерите, а дополнително црвен карон доби и тренерот на Фенербахче Ерсун Јанал.

Поведе Фенербахче, со голот на Макс Крузе во 21. минута, но на 5 минути до крајот на првото полувреме израмни Рајан Донк.

Победникот беше решен во последните десет минути од средбата, кога погодија Радамел Фалкао од пенал и Хенри Онекуру.

Но на средбата се случи и инцидент со учество на претседателот на Фенербахче Али Јилдрим Коч.

Имено, навивачите на Фенербахче својот бес го истурија врз својот претседател, а тој не им остана должен и скокна од ВИП ложата директно во публиката за да се пресмета со сопствените навивачи. С реакција на полицијата и на обезбедувањето, Коч беше безбедно изведен од стадионот.