Манчестер јунајтед стигна до првата победа во новата сезона во Премиерлигата, откако попладнево во неверојатен натпревар славеше на гостувањето во Брајтон со 3-2, со гол во последната секунда од пенал.

Мрежите мируваа до 40 минута за во финишот на првиот дел по еднаш да се затресат на двете страни.

Брајтон го отвори резултатот преку Маупај од пенал, а Јунајтед израмни во 43 минута со автоголот на Данк.

Манчестер јунајтед дојде во водство преку Рашфорд во 55 минута, кој биеше прецизно по асистенцијата на Фернандеш, откако три минути порано ВАР системот го поништи неговиот гол поради офсајд.

Брајтон тргна фуриозно во финишот, Тросард во 76 минута ја погоди пречката, но Марш беше на вистинското место за 2-2 во 95 минута.

Кога се очекуваше крај на мечот, Манчестер јунајтед стигна до триумф преку Фернандеш од пенал во десетта минута од судиското продолжение, откако претходно судија отсвири крај, но по консултација со ВАР системот досуди пенал за гостите од Манчестер.