Градскиот стадион во Прилеп се реновира и ќе биде завршен во предвидениот рок до крајот на градежната сезона, ова го изјави првиот човек на Прилеп, Илија Јовановски .

„Како градоначалник на Прилеп, како човек кој го сака фудбалот и кој што има одговорност пред граѓаните на најфудбалскиот град во нашата држава, нема да дозволам ‘Победа’ да замине во стечај и потоа во ликвидација. Затоа во овој момент, на прилепската и пошироката јавност сакам да им соопштам дека ќе излезам со програма пред членовите на општинскиот Совет и од нив ќе побарам Општина Прилеп да ја преземе грижата за ‘Победа’, сѐ до моментот додека не се најде приватен инвеститор кој фудбалскиот клуб ќе го земе под своја ‘капа’, изјави на денешната прес конференција одржана на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ –  градоначалникот Илија Јованоски.

Јованоски нагласи дека подолго време клубот е оставен сам на себе, дека досегашните акционери се откажаа од „Победа“ и зад себе оставија долгови во висина од 9 милиони денари. Исто така, клубот е со блокирана жиро-сметка, без тренер и без доволен број на квалитетни играчи кои ќе можат да обезбедат опстанок во Втората лига, каде најпопуларниот фудбалски и спортски клуб од Прилеп ќе се натпреварува во претстојната сезона, која започнува за нецел месец. Градоначалникот на Прилеп потенцираше, дека заради сите оние фудбалери и вљубеници во „Победа“ кои децении наназад се вложиле во клубот, жално е да се дозволи овој фудбалски бренд да замине во неповрат.

„Пред месец и половина заврши изградбата на северната трибина, при што беше поставена и покривната конструкција, а моментално се работи на големата, јужната трибина. Според договорот кој што го имаме со изведувачот на работите, реконструкцијата на Градскиот стадион, вклучително и оградниот ѕид и заштитната ограда, целосно ќе биде завршена до крајот на оваа градежна сезона. Обврската да го направи тревникот ја има ФФМ и тој досега веќе требаше да биде поставен. Од за мене непознати и нејасни причини, како што гледате, таа работа не е завршена. Во понеделник имам договорено состанок со претседателот на ФФМ, на кој ќе разговараме за нивната обврска да го направат тревникот, со цел тој да биде готов заедно со другите градежни работи. Верувам дека со завршувањето на градежните активности на стадионот, тревникот ќе биде оспособен и ќе биде ставен во функција, така што наесен на Градскиот стадион ‘Гоце Делчев’ ќе можеме да гледаме фудбалски натпревари“ –  истакна градоначалникот Јованоски.