Големиот скандал кој го потресе српскиот фудбал во 2018-та година доби судски епилог. Судијата Срѓан Обрадовиќ доби затворска казна од 15 месеци, која беше потврдена и од Апелациониот суд.

Српскиот судија во центарот на вниманието се најде поради злоупотреба на својата позиција на судија на мечот меѓу Спартак Суботица и Раднички Ниш, кој домаќините го добија 2:0, а беа фаворизирани од судијата.

На тој натпревар Обрадовиќ го досуди најскандалозниот пенал во регионалниот фудбал, за што пишуваа и европските медиуми.

На никого не му било јасно врз основа на што Обрадовиќ досудил пенал, а набргу по натпреварот судијата бил уапсен. Тој помина еден месец во притвор пред да биде пуштен да се брани од слобода.

Но, Обрадовиќ сега го чека ново апсење и службена суспензија од фудбалот, каде што му беше изречена забрана за вршење на секакви активности поврзани со фудбалот во следните десет години.