Во првиот саботен меч од 27-то коло на Премиер лигата, Барнли и Арсенал одиграа нерешено 1:1. Арсенал поведе по само осум минути со голот на Пјер Емерик Аубамејанг по асистенција на Вилијан. Ник Поуп беше немоќен на својот гол. Арсенал можеше и да ја зголеми предноста, но во две ситуации изостана реализацијата.

Во 39 минутата по катастрофалната грешка на Гранит Џака, Крис Вуд донесе израмнување за својот тим. Повеќе добри шанси во продолжението имаше Барнли, за во 84-тата минута да дојде до многу интересна ситуација, една од оние кои потсетуваат зошто постои ВАР.

Судијата Андре Маринер во прв момент покажа црвен картон за Ерик Питерс и пенал за Арсенал, но по гледањето на снимката виде дека Питерс не играл со рака во казнениот простор, туку топката го погодила во рамот, па и картонот и пеналот беа поништени.

Промена на резултатот до крајот немаше иако гостите го опседнаа голот на домашните, промашија неколку пати, а на крајот погодија и статива, па по ремито Арсенал останува десетти со 38 бодови, а Барнли е 15-ти со осум помалку.

Standings provided by SofaScore LiveScore