Поранешниот шпански репрезентативен голман Виктор Валдес ќе го води тимот на Барселона за играчи до 19 години, потврдија од каталонскиот гигант.

Валдес потпиша договор на една година, со опција истиот да биде продолжен на уште една натпреварувачка сезона.

Подготовките со младинската екипа ќе ги започне на 29 јули, а за нешто помалку од еден месец, на 27 август, го чека и меч против врсниците од Ајакс на „Јохан Кројф“ арената во Амстердам.

Валдес е најуспешниот чувар на мрежата во историјата на Барселона со 539 натпревари и дури 21 освоен трофеј, меѓу кои шест титули шампион на Шпанија и три во ЛШ.

Како играч ја напушти Барса во летото 2014 година. Беше член и на Манчестер Јунајтед, белгискиот Стандард од Лиеж и англискиот Мидлзбро каде и ја заврши професионалната фудбалска кариера во сезоната 2016/17 година.