Фудбалерите на Работнички со реми ја завршија оваа сезона во ПМФЛ, и со ова ја потврдија петата позиција на табелата во домашното првенство.

Тренерот на „Романтичарите“ Александер Влахо е уверен дека тимот има иднина, особено со ваква талентирани млади играчи.

„Мечот со Ренова беше убава можност да ги видам на дело и помладите. Добија шанса неколку фудбалери кои немаа минутажа низ текот на сезоната. Андреј Лазаров се врати по повредата и одигра 40 минути, настапи Матеј Ангелов, а дебитираше и Бујар Хајдари . Тоа се млади момци кои се светла иднина на Работнички. Покажаа дека на нив може сериозно да сметаме во иднина. Што се однесува до натпреварот, не сум задоволен од изданието во првото полувреме, примивме повторно наивен гол по прекин на игра, а можевме да бидеме многу поефикасни пред противничкиот гол. Во второто полувреме  одигравме многу поквалитетно и тоа треба да биде моделот по кој Работнички ќе ја развива играта.“- изјави за клупскиот сајт, шефот на стручниот штаб на Работнички, Александар Влахо.

Работнички ова лето го очекува нова мини реорганизација а од тимот заминува талентираниот Станковски кој договори трансфер во Монца.