Дворските игри во Милан можат да доведат до комплетно распаѓање на тимот, што сигурно нема да им се допадне на навивачите на славниот италијански клуб. Кога се чинеше дека Милан почна постепено да ја надминува кризата и да покажува барем некакви резултати, се разгоре војната во раководството на клубот, што несомнено ќе има и свои последици.

Најавеното заминување на Звонимир Бобан и на Паоло Малдини, значи дека победила струјата на генералниот директор Иван Газидис, но тоа лесно може да резултира и со заминувањето на двете главни ѕвезди – Златан Ибрахимовиќ и Џанлуиџи Донарума.

Како што пишува  Corriere dello Sport, Ибрахимовиќ дојде во Милан најмногу поради напорите и пријателствата со Бобан и со Малдини, кои го убедија Швеѓанецот дека имаат план за развојот на клубот. Уште полошо е и сознанието дека Ралф Рангник, кој најверојатно ќе седне на тренерското столче, не гледа клупска перспектива со играњето на Ибрахимовиќ.

Што се однесува до Донарума, овде има место суетата на фондот Elliott, кој владее со Милан, и кој често е критикуван од агентот на Донарума, контраверзниот Мино Рајола. Се смета дека фондот Elliott ќе ја искористи чистката во Милан и ќе се ослободи од сите клиенти на Рајола.