Раководството на Фудбалската федерација на Македонија одржа состанок со претставници на клубовите од ПМФЛ, a тема на разговор беше отстапување и продажба на ТВ правата за ПМФЛ за следните три натпреварувачки сезони, почнувајќи од сезоната 2019/20.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски на претставниците на клубовите им ги презентираа понудите од две регионални телевизии за продажба на телевизиските права од ПМФЛ и националниот куп.

Првиот човек на македонскиот фудбал, Муамед Сејдини истакна дека сумата од 195.000 евра евентуално прифатената понуда на една од двете регионални ТВ станици целосно ќе биде ставена во трошоците за сезоната на клубовите, односно, како што рече Сејдини, федерацијата нема да добие ниту евро од продажбата на ТВ правата.

„Македонскиот фудбал за да се развива и да оди напред важно е ФФМ и клубовите да најдат заеднички јазик по важни прашања, заедно да седнеме на маса и да разговараме. Сметаме дека ова е значајно прашање за кое ние како раководство посветивме големо внимание и се надевам дека заеднички ќе имаме корист. За нас користа од евентуалниот договор за ТВ правата е промоција на македонскиот фудбал, а сумата која би ја добиле целосно ќе ја поделат клубовите. Понудата која ја добивме од две регионални ТВ станици се однесува на два директни преноси по коло од нашата Прва фудубалска лига“, истакна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

До среда е рокот до кој клубовите треба да се произнесат по барањето за отстапување на ТВ правата. Клубовите се запознаени со условите и сумата која евентуално би ја добиеле доколку позитивно одговорат на барањето за продажба на ТВ правата а натпреварите од домашниот шампионат.

Во изминатите речиси три децении никогаш не биле продадени ТВ права за натпреварите од домашниот шампионат.

Превземено од официјалната страна на ФФМ