Поранешниот генерален секретар на КФМ, Атанас Филиповски и член на повеќе функции во оваа федерација почина. Од КФМ со соопштение до јавноста ја потврдија оваа тажна вест.

„Со длабоко жалење ве известуваме дека почина Атанас Филиповски, истакнат спортски работник и пријател на каратето, кој со години извршуваше значајни функции во Карате федерацијата на Македонија.

Роден е во с. Сулдурци, Радовишко, на 22-ри септември 1946 година. Познат во својата професија како градежен инженер, редовен професор на Градежниот факултет во Скопје од 1996 година по предмети од областа на металните конструкции и испитувањето на конструкциите. Проф. д-р Атанас Филиповски магистрирал на ИЗИИС во 1978, а докторирал на Градежниот факултет во Скопје во 1988 година. Има објавено учебници по метални, челични конструкции за Градежниот и Архитектонскиот факултет, единствени во земјава, кои се користат и од специјалистите во практиката. Во КФМ беше истакнат функционер цела деценија, во кои во два мандата беше член на Извршниот одбор, од 2002 – 2004 и од 2008 – 2012 година. Во периодот 2004 – 2008 беше генерален секретар на КФМ.

Покрај тоа, Филиповски беше и член на Натпреварувачка комисија на КФМ, комесар на натпревари, заменик селектор во кати и претседател на Карате клубот “Маквадо”. Најистакната спортистка од неговиот клуб е Ивана Димитрова, членка на ката тимот на КФМ кој го освои првиот и единствен бронзен медал екипно на Европското првенство за сениори, одржано во Тенерифе 2005 година.

Исто така и Илија Димитров, долгогодишен репрезентативец во кати, учесник на повеќе европски и светски првенства. Карате федерацијата на Македонија загуби признат спортски работник, кој како голем професионалец во својата струка, даде значаен придонес во развојот и популаризацијата на карате спортот.“ – информираа од КФМ.