Чекањето за љубителите на најквалитетната кошаркарска лига во светот НБА заврши. Вечерва 74 сезона во НБА лигата ќе ја отворат бранителот на шампионскиот прстен Торонто кој ќе го дочека Њу Орлеанс, додека во вториот меч од вечерашната програма во дербито на Лос Анџелес ќе се сретнат Ла Лејкерс и Ла Кллиперс.

Токму овие два тима се очекува да го имаат главниот збор оваа сезона, откако „езерџиите“ по подолг период имаат екипа за највисоки цели со доведувањето на Ентони Дејвис, кој со Леброн Џејмс ќе се обидат да го вратат Лејкерс на старите патеки. Годините наназад најпознатата франшиза во НБА имаше огромни проблеми во и надвор од теренот, а причина за тоа е смрта на сопственикот Џери Бас кој е творец на сите шампионски генерации на Лејкерс, од времето на Џабар и Меџик, до она на Шек и Коби или она на Коби и Гасол.

Оваа сезона според многу стручњаци треба да биде една од најинтересните во последните 20 години поради огромниот број на трејдови на супер ѕвезди од калибарот на Кевин Дурант, Кајри Ирвинг и Пол Џорџ.

Токму овој последниот заедно со Кавај Ленард кој минатата сезона беше најзаслужен за првата титула на Торонто го сочинуваат двоецот на Ла Клиперс и ќе се обидат конечно да стигнат до шампионскиот прстен. Дербито на Лоџ Анџелес ќе биде „ослабено“ со неиграњето на Пол Џорџ кој на терените се очекува да се врати за еден месец.

Покрај овие два тима трет фаворит на Западот е тимот на Хјустон кој повторно ги спои Џејмс Харен и Расел Вестбрук, откако претходно беа дел од Оклахома. Хјустон минатите години беше многу блиску да им го земе „скалпот“ на Голден Стејт, но поради одредени околности не успеаја. Тимот од Тексас на титулата чека цели 23 години.

На истокот на хартија главни фаворити се Милвоки и Филаделфија. Бакс по долги години имаат мега ѕвезда во името на Јанис Антетокумпо кој минатата сезона беше МВП на сезоната. Тренерот Буденхолзер, на Гркот му даде голема слобода, а тој тоа одлично го користи, потпомогнат од искусните Ерик Бледсо и Крис Мидлтон.

Бен Симонс и Џоел Ембид, подпотмогнати од Ал Харфорд се главната оска на Филаделфија која од времето на Ајверсон чека на ново НБА финале. Се чини ваквиот епилог ќе зависи пред се од Ембид, кој доста често има повреди, а неговиот потенцијал е огромен.

Покрај овие екипи интересно е да се видат и екипи како Далас, Денвер, Индиана, Бостон, Јута и Портланд кои својата шанса за позначаен резултат ќе ја чекаат од сенка.