Селекторот на машката кошаркарска репрезентација на Македонија, Александар Тодоров е задоволен од контролниот натпревар против Гостивар кој воедно е единствениот во мини подготовките пред дуелиоте со Естонија и со Русија во квалификациите за ЕП 2021.

„Оваа проверка беше планирана уште во оној првичен план на подготовките. Со оглед на зафатеноста на репрезентациите во нашето опкружение, се решивме на ваква варијанта. Гостивар има тим кој може идеално да парира, со оглед на тоа што зад нас се само неколку тренинзи. Затоа сето ова може да го оценам како доста корисен тест во кој можев да видам до каде сме, до кое ниво на подготвеност сме пред оваа недела, и тоа како важна за сите нас.“ – изјави Тодоров за официјалниот сајт на КФСМ.

Тодоров очекува подигнување на формата на дел од играчите пред клучните квалификациски натпревари.

„Имаме уште неколку денови за тренинг пред нас. Ќе ги искористиме максимално. Видовме што и како би можело да изгледа сето тоа за она што следува во четврток, односно недела. Ќе анализираме заедно со моите соработници. Ќе се обидеме да направиме корекции во оние делови каде сметаме дека тоа може да биде и подобро. Се во насока максимално подготвени да ги дочекаме дуелите со Естонија и со Русија.“– објаснува Тодоров за официјалниот сајт на КФСМ.

Македонија против Естонија игра на домашен терен на 20 февруари, додека на 23 овој месец ќе и гостува на Русија.